Македонија
6. December 2021 - 14:47

Царовска: Врвен приоритет создавање квалитетно образование достапно за секое дете

Вложувањето во создавање квалитетно образование достапно за секое дете е наш врвен приоритет, а дел од овие процеси и напори е и проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“ кој МОН во партнерство со GOPA ќе го спроведува во следните две години. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска на воведниот состанок за започнување на проектот.

– Квалитетно и инклузивно образование можеме да создаваме исклучиво со мотивирани и добро обучени наставници. Токму и тоа е основната цел на проектот, да го подобри образованиот систем преку инвестирање во професионалниот и кариерен развој на наставниците со цел да се понуди сеопфатно, квалитетно и инклузивно образование за сите, рече Царовска.

Проектот во целиот овој процес на осовременување на образовниот систем во Северна Македонија се очекува да го зајакне системот за професионален развој на наставниците и стручните соработници во согласност со професионалните компетенции и стандарди во средното, односно гимназиско и стручно образование. Да го поддржи системското зајакнување на развој и спроведување на ИКТ и дигитални вештини и компетенции во образованието, но и нешто што е многу важно, да се зајакне спроведувањето на инклузивното образование во професионалниот развој на наставниците, во согласност со Концептот за инклузивно образование, соопшти МОН.

Предвидените средства кои се од ИПА 2 програмата за реализација на проктот се во висина од 1,3 милиони евра.