Македонија
30. December 2018 - 13:14

Царовска: Во 2019 уште посилно да работиме за Македонија да биде поубаво место за живеење

 Во 2018 година ја сработивме социјална реформа, која значи извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија и еднакви шанси за секое дете, вели во своето новогодишно обрачање Mинистерката за труд и социјална политика ​Мила Царовска.

МТСП ви ги честита новогодишните и божикни празници. За време на празниците даруваме и споделуваме љубов, но исто така треба да се потсетиме дека секој ден од годината ни е важен. Во новата година влегуваме со нова енергија, продолжуваме да работиме посветено и неуморно, се со цел да изградиме поправедно и вистински хумано општество за нашите граѓани.

– Особено сме горди што во 2018 година ја сработивме социјална реформа, која значи извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија и еднакви шанси за секое дете. Имено, со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Од идната година детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а место образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Социјалната помош се зголемува за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на труд. Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат, се вели во соопштението од МТСП.

Процесот на деинституционализација тече одлично. Годината ја завршуваме со 60 проценти извадени деца од големите институции, односно сместени во мали групни домови или згрижувачки семејства. Секој ден од 2019 година ќе работиме да обезбедиме топол дом за секое дете и да им подадеме рака на оние на кои сме им потребни.

– Оваа година изградивме 24 нови градинки и обезбедивме 300% повисок Буџет за подобрување на квалитетот на предучилишното образование. Ова значи места за 7.000 нови дечиња во градинките, покалитетен кадар и целосна промена на начинот на кој државата се грижи за најмладите. Преку гаранцијата за млади помогнавме со вработувањето на 1.400 млади, а за следната година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари за оперативниот план за вработување, се наведува во соопштението на МТСП.

МТСП ви ја честита Новата 2019 година, а новогодишните желби остануваат наша инспирација да направиме уште повеќе следната година. Да препознаеме дека секој од нас може да помогне. Да покажеме дека вистински се грижиме за нашите најблиски, но и општеството и средината во која живееме. Заедно да ја направиме Македонија подобро место за живеење.