Бизнис
4. February 2020 - 12:58

Царовска: Владата инвестира во обезбедување добри работни места за младите

За да ги задржиме младите во државата и да им обезбедиме квалитетен начин на живеење воведовме мерки за вработување, преквалификација и доквалификација кои ги адаптиравме на нивните потреби. Младинската гаранција веќе покажа дека враќањето на довербата на младите лица во институциите дава резултати, рече денеска вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресурси, Мила Царовска.

Таа додаде дека Владата инвестира во обезбедување добри работни места за младите, а како пример ја посочи и ИТ индустријата, која како што рече, е индустрија што навистина може да исплати добри плати, а младите можат брзо да ги совладаат вештини кои им се потребни.

-Одливот на мозоци со години се случува и можам да кажам дека Светска банка имаше извештаи во кои кажа дека изминативе 10 години половина милион од нашето население е иселено, специфично и младите лица. Затоа ние не инвестираме во слабо платени работни места, како што тоа беше пример претходно, рече Царовска во одговор на новинарско прашање.

Вицепремиерката како пример го наведе дуалното образование што се пилотира оваа година и кое што според неа покажува дека младите се стекнуваат со вештини и стануваат работоспособни или повработливи и директно можат да се вклучат на пазарот на труд.

Паралелно, таа појасни и дека работат на субвенционирање на повисоки плати, се со цел, како што рече, кога младото лице ќе се вработи да почувствува задоволство од висината на својата плата и понатаму да се гради и да може да напредува.

-Воведовме младинска гаранција, помина Законот за младински додаток, се со цел младите да ги насочиме и кон индустрија која што вистински произведува повеќе и која што навистина создава можност за раст на економијата, затоа што ако немаме вакви мерки коишто навистина се насочени кон младите и нивно задржување тука, малку може да очекуваме дека тие нема да го искористат предизвикот да излезат надвор, рече Царовска и потсети дека преку Агенцијата за вработување во 2019 и 2020 година заедно со МАСИТ како Стопанска комора на ИТ индустријата, дизајнирале обуки кои младите можат брзо да ги насочат во оваа индустрија.