Македонија
21. January 2021 - 13:38

Царовска: Со реформата ниеден наставник не останува без работа

Наставниците имаат централно место во образовниот систем и од нив зависи квалитетот на целокупното образование. Затоа, тие беа вклучени од самиот почеток во дефинирањето на клучните промени кои ги бараат и кои самите знаат дека ќе го подобрат нивното работење, условите за работи и квалитетот на наставата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, по денешниот состанок со наставниците.

Министерката истакна дека со реформата се фокусираме на нивните барања во однос на начинот на организација на часовите. Наставниците сега имаат повеќе време со учениците, но и поголема слобода за организација на наставата. Би сакала директно да им се обратам бидејќи имаше многу неточни работи кажани во изминатиот период и да ги расчистам.

„Прво ниеден наставник не останува без работа, напротив верувам дека на долг рок уште повеќе вработувања ќе бидат потребни за подигање на квалитетот на наставата. Второ, ниеден предмет нема да биде укинат, начинот на организација на наставата ќе биде сменет.  Фондот на часови зголемен, а не намален. Трето, обуките ќе бидат темелни со цел секој од нив да биде подготвен за настава. Се обврзуваме како министерство дека реформата ќе ја дочекаме подготвени и ќе дадеме максимум за секој да биде целосно мотивиран и спремен да почне со работа. Свесна сум дека секоја промена носи страв и дека промените не се лесни, но уверувам дека се во интерес на сите и пред се на наставниците“, изјави Царовска.

„Јас сум горда што за прв пат овозможуваме кариерен развој за наставниците, нешто што беше клучно за да се зголеми мотивираноста кај нив и квалитетот на наставата. Со реформата тие имаат можност да одат три скалила нагоре и да имаат значително повисоки примања. Обезбедуваме повисоки примања за наставниците, платите растат за сите и тоа е уште една голема промена и бенефит за нив“, рече Царовска.

Министерство за образование и наука