Македонија
24. January 2021 - 17:06

Царовска: Реформите во образованието се влез во нова ера

Реформите во основното образование се влез во нова ера на развој. Пораката доаѓа од министерката за образование, а по повод Меѓународниот ден на образованието 24 јануари.

Оваа година го одбележуваме во време на пандемија што наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, вели Царовска, дополнувајќи дека здравствената криза наметна тешки предизвици.

Новиот концепт кој се подготвува е решение за еден од нив, уверена е министерката.

“Како Влада вложуваме силно во образованието и подготввуваме целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование за нашите деца. Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата”

На Денот на образованието, критики за организирањето на македонското упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Обвини за системско уништување на обрзовниот процес.

“Меѓународниот ден на образованието нашата држава го дочекува со 20 илјади деца кои не следат настава затоа што немаат компјутери, штрајк на матурантите, "реформи од Финска" кои не се од Финска, а кои се туркаат на сила и без консензус, со обид да се укине предметот историја како посебен предмет, со ниту еден универзитет кој е на Шангајската листа од илјада најдобри универзитети во светот, и со образование кое е политизирано, наместо професионализирано”, напиша Мицкоски на ФБ.

Од СДСМ, пак, му возвратија дека неговата загриженост е лажна и дека опозицискиот лидер има најмалку право да зборува за образованието, бидејќи ВМРО ДПМНЕ за 11 години владеење го довела на дното во Европа.