Бизнис
14. November 2017 - 14:06

Царовска: Работниците да пријават злоупотреба на минимална плата

Според податоците на УЈП над 90 проценти од работниците кои имаат ниски примања ја добиле загарантираната минимална плата. Малиот интерес за субвенционирање на исплатата  најверојатно е резултат на можноста на компаниите тоа да го направат без помош на државата. Има информации за злоупотреби, односно за барања работниците да им вратат дел од средствата на работодавачите, но затоа тие треба да се охрабрат, да пријават за да можеме да преземеме мерки, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. 

Потенцира дека компаниите независно од тоа што не ја користат државната помош ја почитуваат минималната плата, од една страна, но од дрига страна, преку медиумите се добиваат информации и шпекулации дека има злоупотреба, дека граѓаните треба да ја вратат платата.

- Затоа апелирам во секоја моја изјава дека е многу важно да имаме сведоци затоа, дека треба да покренеме постапки. Не само што е прекршок, туку е кривично дело вие од работникот да земате пари назад во кеш или да исплаќате плата на рака. Ги замолувам сите работници да се охрабрат и конечно да ја завршиме таа работа за злоупотреба на работната сила во компаниите. Јас искрено ќе стојам позади секој работник кој ќе пријави ваква злоупотреба или непочитување на законот, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на мерки за оптворање работни места.

Малиот број барања за финансиска помош од државата за исплата на минималната плата, вели, е согласно нивните предвидувања дека фирмите имаат капацитет да исплатат плата од 12.000 денари.

- За да не се направи паника,сепак, понудивме и буџетска поддршка, но гледате дека таа не се искористува. Можеби им треба период за адаптација, имаат уште многу време да ја користат, можеби наредниот месец ќе се пријават за субвенција, можеби чекаат да видат и државата како ќе постапува кон оние кои бараат буџетска поддршка во однос на исплатата на минимална плата... Мислам дека компаниите треба да се ослободат, таа буџетска поддршка е за нив и треба да ја искористат и не треба да се плашат од ништо, рече Царовска.

Таа појасни дека имала средба со претставници на кожарската индустрија кои посочиле дека исплаќаат минимална плата, но оти тоа им преставува проблем поради тоа што продажните цени на нивните производи веќе биле однапред утврдени и не можеле да ги менуваат.

- Се сретнав со нив и ги упатив дека треба да дадат предлог каков тип поддршка треба да им дадеме за да може да го поминат овој критичен период, затоа што тие кажаа дека до февруари-март ќе им биде проблематична исплатата на минималната плата затоа што цените  за откуп на нивните производи им се фиксирани. Тоа не можат да го променат во од, но рекоа дека наредната година тоа може да го променат со поскапување на цената на нивниот производ, рече Царовска.

Додаде дека за да го направат овој период полесен за поминување да се обратат до Владата писмено преку Стопанската комора и да таа да изготви некаков пакет мерки.