Македонија
26. May 2019 - 13:20

Царовска: Од среда почнува поднесувањето барања за новите права од социјалната реформа, граѓаните да се пријавуваат во центрите

Сите лица кои се во социјален ризик од среда (29 мај) можат да се пријавуваат во надлежните центри за социјална работа, да поднесат барања за да може може да ги добијат новите надоместоците предвидени со социјалната реформа. Исплатата на социјалните права, според новите закони, почнува во текот на идниот месец, а помошта се зголемува за околу 300 отсто. Со реформата годишно во буџетот се предвидени две милијарди денари.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која рече дека со реформата се опфатени сите кои досега примале социјална помош, домаќинствата со деца кои се со една минимална плата, невработени родители кои чувале деца со попреченост, а се над 62 години за жена и 64 години за маж, и лица над 65 години кои не оствариле право на старосна пензија, поради тоа што немат доволно години стаж, вклучувајќи ги и тие без ден работен стаж.

Посочи дека конечно можат да почнат со имплементација на социјалната реформа, што долго време се подготвувала во Министерството и со која ќе извлечат повеќе од 30.000 домаќинства од сиромаштија во наредниот период откако ќе почнат да се исплаќаат трансферите.

– Со оваа реформа се воведува тој семеен пакет или минимален адекватен приход што ги содржи во себе и детскиот и образовниот додаток, енергетскиот додаток, но и оној социјален трансфер што државата има обврска да го трансферира кон сиромашните семејства. Со целата реформа се зголемува за 20 пати бројот на деца кои ќе примаат детски и образовен додаток. Со реформата првпат се воведува и Закон за социјална сигурност на стари лица, а со тоа се воведува и државна пензија во износ од околу 6.000 денари, која се исплаќа преку социјалниот систем, а не како контрибуција од пензискиот систем. Шест илјади граѓани кои не оствариле право на старосна пензија првпат треба да го добијат овој надоместок, рече Царовска.

Со оваа реформа, нагласи, воведуваме нов стандард во социјалната заштита или извлекувањето од сиромаштија се однесува на сите категории граѓани и оние кои се работоспособни и оние кои се возрасни, а немале никакви трансфери, а најмногу се фокусира на детската сиромаштија, затоа што таа е најскапа за сите држави.

Според неа, ако се инвестира навреме со тоа се извлекуваат и идните генерации од сиромаштија и полесно ќе бидат воведени на пазарот на труд и со тоа се прави и општествено реформирање на целиот начин на кој досега се гледало на социјалните корисници.

– За лицата со попреченост дополнително воведуваме мерки кои ќе го олеснат секојдневното живеење на родителите на децата со попреченост, но исто така сите трансфери кои се однесуваат директно за олеснување на живеењето на лицата со попреченост остануваат во овој закон како такви и постојано се унапредуваат. Воведуваме траен надомест од 8.000 денари за сите родители кои чувале дете, а сега се на возраст од 62 или 64 години. Дополнително за оние родители кои имаат дете со попреченост, а се вработени надоместот за скратено работно време ќе изнесува до 50 проценти од просечната плата, а тоа е речиси за три пати зголемување на надоместокот кој денеска го земаат тие родители, појасни Царовска.

Таа рече дека корисниците на социјална парична помош кои денеска се во систем, а имаат деца во образовен период (основно и средно образование) ќе бидат повикувани во центрите и ги замолуваме таму да поднесат барање за да може во следната исплата во јуни која ќе се однесува за мај да може да им се пресметаат и образовниот и детскиот додаток за да може да се направи тој семеен пакет, а дополнително сите оние кои немаат возрасни лица над 65 години, кои немаат никаков друг приход ниту може да се издржуваат со приход кој постои во нивното семејство да се обратат во центрите за социјална заштита и да поднесат барање…

Министерката истакна дека со социјалната реформа четиричлено семејство со две школски деца ќе земаат месечен надоместок од 10.600 денари. Ова е семеен пакет кој што ги содржи правата од гарантиран минимален приход, детскиот и образовниот додаток и енергетскиот додаток. Истото семејство сега најчесто земаше социјална помош од околу 3.000 денари.

Одговарајќи на новинарско прашање таа посочи дека со оваа реформа апсолутната сиромаштија, вклучувајќи ја и детската сиромаштија ќе ја сведат на минимум, затоа што децата ќе добиваат трансфери кои се однесуваат за нив, а тоа се образовен и детски додаток.

– Тие трансфери ако детето оди во училиште ќе ги добиваат, ако не оди во училиште ќе правиме притисок врз семејството да го пушти во училиште за да може да го добие трансферот. Децата на улица сега ќе бидат таргет на Министерството за труд и социјална политика, затоа што секое дете ќе има додаток за себе и нема да смее да биде на улица и семејството ако прима гарантиран приход нема да смее да биде на улица заедно со своите деца, додаде Царовска.