Македонија
21. September 2018 - 12:31

Царовска најави детски и образовни додатоци за повеќе од 60 илјади деца

Владата во социјалната реформа и во реформата на детска заштита предвидува детски и образовни додатоци за поголема група во Македонија со цел директно да влијаеме на намалувањето на сиромаштијата.

Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред почетокот на конференцијата за детска сиромаштија, која рече дека во Република Македонија секое четврто дете е сиромашно, а едно на 300 деца од сиромашни семејства одат во градинка. Само две од три деца од сиромашни семејства одат во средно училиште.

- Досега не повеќе од 3.500 деца примаа детски и образовен додаток. Тоа е речиси ништо. Но, сега повеќе од 60.000 деца ќе ги примаат овие два додатока и тоа е голем исчекор напред во борбата против детската сиромаштија, рече Царовска. 

Таа нагласи дека детската сиромаштија не е прашање на една институција, туку е прашање на целото наше општество и ги повика сите граѓани да ги поддржат реформите, од аспект на социјална и детска заштита. 

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс изјави дека за да го спречат меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија ја поддржуваат Владата во три клучни области. 

- Првата област е суштинска реформа на системот за социјална заштита и да допре до сите лица кои имаат потреба од тоа и ќе им помогне самите да се извлечат од сиромаштијата. Втората област е насочена кон подигање за 50 отсто на оние деца кои не одат во градинки и да почнат да одат, со фокус на децата кои живеат во сиромашни услови. Третата сфера е соработка со здравствениот сектор и секторот за социјална заштита во давање поддршка на родителите за изградба на родитески стратегии со кои ќе ги охрабруваат и ќе им помагаат на своите деца да се развиваат и побрзо да излезат од сиромаштијата, рече Перкс. 

Одговарајќи на новинарско прашање дали износот од 55 евра е доволен за да им се помогне на децата кои веќе се сиромашни, Перкс рече дека овие приходи, паричната и социјалната помош не се доволни за да се извлече семејството од сиромаштија. Треба да се инвестира во образованието, во креирање нови работни места, во странски инвестиции за да се овозможи нивно самостојно егзистирање и извлекување од сиромаштијата. 

Директорот на канцелариите на Светска банка за Косово и Македонија Марко Мантованели изјави дека се задоволни што се партнери на Владата во третирање на детската сиромаштија и детската благосостојба. 

На конференцијата надлежните ќе дебатираат од стручен аспект, со меѓународни и домашни консултанти.