Македонија
2. September 2020 - 16:37

Царовска: МОН е надлежно да организира безбедна настава

Училиштата затворени, кафулињата полни. Одговорноста за забавите на младите до доцна во ноќта без никаква заштита, министерката за образование Царовска ја префрли на родителите. Од министерството кое е надлежно да донесе одлука дали, како и според кои протоколи учениците ќе можат безбедно да следат настава, велат дека за децата надвор од образовниот процес одговорни се родителите.  

Она што е во надлежност на МОН е да организира безбедна настава за учениците, тие се јавни училишта или државни кои треба да гарантираат дека децата ќе ги спроведуваат протколите. Она што се случува надвор од училиштето не е надлежност на министерството. Овие протоколи кои ги имаме и начинот како ќе се одвива наставата е дадено дирекно од Комиисјата за заразни болести. Ние треба да спроведеме настава според насоките од комисијата, и секако се што се случува надвор од училиштата има надлежни органи кои треба да утврдат дали се почитуваат протколите, а ако станува збор за малолетни деца одговорноста е на родителите, рече Мила Царовска министерка за образование.

Иако учебната година почнува еден месец подоцна министерката е сигурна дека ќе заврши на 10-ти јуни. Сите ученици без разлика дали ќе ја следат наставата од дома или од училиште кога ќе се оценуваат ќе мора физички да бидат присутни.

Вели дека сеуште околу 10 проценти од децата немаат алатки за онлајн настава. Во тек се набавките на комјутерите и до второто полугодие се очекува училиштата да ги добијат. Се преговара и со компаниите за да се обезбеди поквалитетна интернет врска. 

Најголем дел од училиштата се подготвуваат за  настава  со физичко присуство. Родителите на дечињата од прво до трето одделение  имаат можност да одберат дали тие ќе учат од дома или ќе одат во училиште. Според протоколите во еден клас ќе има до најмногу 20 дечиња со растојание од метар и половина.