Македонија
13. July 2017 - 14:50

Царовска: Лицата кои изгубиле социјална помош поради брз трансфер на пари, повторно да аплицираат

Вкупно 910 поранешни корисници на социјална парична помош, кои биле ограничени во однос на користење на правото, заради примени пари по брз трансфер, можат да се обратат до Центрите за социјална работа во градовите низ Македонија и да побараат да ги остварат правата за користење на социјална парична помош повторно, најави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа објасни дека во јануари 2015 година МТСП го променило Правилникот за утврдување на приходи на граѓаните, за да остварат социјална парична помош, со тоа што утврдило дека доколку корисниците примат над 50.000 денари по брз трансфер да им се укине социјална парична помош, а оти само еден месец подоцна ја поставила границата над 70.000 денари.

- И се ова е направено без законски основ, поради тоа што парите примени преку брз трансфер не се приходи за ниту едно семејство, затоа што ниту се даночат ниту се препишуваат во Управата за јавни приходи. Затоа со последната измена на правилникот се ослободуваат граѓаните од парите што ги примиле преку брз трансфер да не им се пресметуваат како приходи во нивното семејство, поради тоа што често тие средства не се од членови од семејството кои што има обврска по закон да ги издржува, објасни министерката при посетата на Центарот за социјални работи Куманово.

Таа ги повика овие корисници да се обратат до Ценрите, да ги остварат своите права, бидејќи рече како Влада се обврзале да работат во интерес на граѓаните, и додаде дека двојното казнување на граѓани кои се материјално необезбедени е навистина не фер и противуставно.

- Вие ги казнувате од тоа што ги исклучувате од систем и барате да ги вратат финансиските средства. За враќање на финансиски средства ќе утврди судот додека, ние, како социјална држава и социјален систем ги враќаме повторно да може да ги остварат законски гарантираното право на социјална парична помош, нагласи Царовска.

Само од Куманово вкупно 204 лица го изгубиле правото на користење на социјална паричмна помош по донесувањето на тој Правилник.