Бизнис
25. October 2017 - 19:01

Царовска: Компаниите мора да исплаќаат минимална плата

Рокот во кој компаниите треба да се пријават за субвенции за исплата на минимална плата за септември истекува на крајот од месецов. До 19 октомври има 8.955 барања од 1.430 компании. Позитивно се решени 6.844 барања. Без разлика дали компаниите ќе аплицираат за субвенции тие мора да исплаќаат минимална плата. Работниците, пак, апелираат од Министерството за труд и социјална политика, да пријавуваат нерегуларности за да се спречат злоупотребите на овој закон.

- Компаниите имаат рок да поднесуваат барање до 30 октомври, односно во тие рамки можат да побараат поддршка. Тоа значи дека се уште има можност да се поднесуваат барања и потоа ќе се види точната бројка на компаниите кои побарале субвенции, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање по промоција на мерка за вработување. 

Таа појасни дека минимална плата за работниците ќе исплаќаат сите компании без разлика дали побарале субвенција или не, бидејќи, како што рече, минимална плата под 12.000 денари не може да се исплати.

Царовска истакна дека испекторите од Државниот инспекторат за труд се постојано на терен, но, како што потенцира, согласно програмските определби на Владата прво им се укажува на компаниите, а дури потоа ќе се премине кон санкционирање за евентуални злоупотреби.

Смета дека и покрај активностите на инспекторите, голема помош можат да бидат и работниците кои, како што рече, не треба да дозволат злоупотреба на овој закон.

- Примање плата на рака или враќање пари на работодавачот е казниво со закон, не само прекршочно, туку и кривично. Затоа ги замолувам работниците да бидат и подготвени и храбри да пријавуваат се што е нерегуларно, рече Царовска.

Првичните анализи пред донесувањето на овој закон укажуваа дека околу 130 илјади работници земале плата пониска од сегашната минимална.