Бизнис
6. September 2017 - 15:37

Царовска: Ќе продолжиме со зголемување на пензиите согласно растот на платите и трошоците за живот

Пензискиот систем е стабилен, а за него се обезбедени финансиски средства од Буџетот на РМ. Пензиите ќе си течат регуларно без да има никаков застој, информираше денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која даде отчет за сработеното во ресорот во првите сто дена од формирањето на Владата.

- Обезбедени се и дополнителни средства за да може просечниот пензионер со усогласувањето годишно на пензиите да добие околу 2.000 денари. Ние ќе си продолжиме со овој процент на зголемување на пензиите согласно растот на платите и порастот на трошоците за живот што е праведно и што е согласно законот, така што немаме никаков проблем, истакна Царовска.

Појасни дека воспоставениот Совет за пензиски реформи, којшто е владин, е поддржан од Светска банка што, според неа, е важно за да имаме стабилен и одржлив пензиски систем. Министерката рече дека работат на создавање одржливост, како и дека истите мерки ќе бидат донесени на Совет со експертизата на Светска банка и ќе бидат презентирани.