Македонија
15. October 2018 - 15:20

Царинската управа откри повеќе обиди за криумчарење и заплени марихуана, цигари и друга стока

Царинската управа во текот на изминатата недела открила повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што се запленети марихуана, цигари, облека, парфеми и друго.

На Интернационалниот аеродром Скопје, Царинските службеници вчера откриле и спречиле  криумчарење на три килограми  марихуана.

При детален преглед на багажот на француски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Париз, во неговиот куфер биле пронајдени 30 штеки цигари, а во торбата 19 штеки цигари и три пакувања наполнети со непозната материја од растително потекло.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата растителна материја веднаш била доставена на вештачење со кое се утврдило дека станува збор за марихуана.

Царинските службеници во повеќе случаи спречиле повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  облека, ташни, паричници, делови за моторни возила, парфеми, тоалетни води, мобилни телефони и црковни производи.

Задржани се 205 парчиња женска облека и 102 парчиња аксесоари, откриени  во три одвоени случаи, при контрола на три македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица откриени се 47 разни делови за моторцикли и автомобили.

При контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран, царинските службеници откриле 26 парчиња разни црковни производи (ѕидни лустери, кандила, пехари, крстови, украсни кутии, дрвени украсни сталажи и еден комплет за причест). Непријавените производи, пронајдени во една преграда и над горниот кревет во кабината, како и во сандакот за сместување палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.