Македонија
21. March 2023 - 16:44

Царината заплени 43 килограми злато и дијаманти на скопскиот аеродром

Рекордни над 43 килограми високо квалитетен златен накит и бело злато со дијаманти за кои имало сертификати заплениле македонските  цариници синоќа на Меѓународниот аеродром Скопје. Вредноста на заплената се проценува на околу 2,3 милиони евра. Златото било спакувано во најлонски ќеси, а било откриено во рачниот багаж и куферот на лице со српски пасош. Тој во земјава пристигнал со вечерниот лет од Истанбул.

- Лицето претходно се упатило на зелен канал и не ја пријавило стоката. Лицето и накитот се привремено задржани и во моментот се спроведува истрага, изјави Славица Кутиров, директор на Царинската управа.

Директорката на Царинската управа информираше дека минатата година имало 114 случаи на спречување недозволена трговија, а биле  запленети дрога, девизи, златен накит... што е двојно повеќе од претходната година.

Во 2022 во 5 различни ситуации  исто така бил спречен шверц на близу 40 килограми злато, во вредност од 1,5 милиони евра.