Бизнис
18. September 2019 - 14:03

Царината потпиша Меморандум за соработка и спречување на трговија со пиратска стока со холандски РЕАКТ

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и регионалниот директор на холандското непрофитно бизнис здружение РЕАКТ Б.В., Ели Муфишовски денеска потпишаа Меморандум за соработка и спречување на трговија со фалсификувана и пиратска стока.

Здружението РЕАКТ опфаќа повеќе од 270 членки, чии цели се заштита на потрошувачите и легитимниот бизнис во борба со трговијата со фалсификувана и пиратска стока.

Како што соопшти Царинската управа, денеска потпишаниот Меморандум предвидува соработка за заедничко зајакнување и формирање на поволни услови за усогласување и забрзување на соработката која се однесува на заштитата и спречување на увозот, транзитот, извозот, продажбата и производството на стоки кои ги повредуваат правата од интелектуална сопственост на членките на РЕАКТ.

– Меморандумот е потпишан во воведниот дел на Обуката за идентификување на оригинални и фалсификувани производи, организирана од РЕАКТ, која е осмислена за претставување на брендовите кои земаат учество и за споделување на поблиски податоци за потеклото на нивните производи. Настанот кој се одржува во Скопје е организиран со намера да се презентира координацијата на активностите на РЕАКТ и неговите членови помеѓу сите засегнати чинители и да придонесе во одржувањето на блиската врска со соработниците од нашата земја, се наведува во соопштението.

Во своето обраќање до присутните, Танасоски потсети дека Царинската управа постојано работи на унапредување на системот на царинските мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост.

Како пример тој наведе дека минатата година во 58 акции привремено се задржани 175.750 илјади парчиња и 2.506 килограми различни видови на стока поради основано сомневање дека ги повредуваат права од интелектуална сопственост.

– Царинската управа редовно организира и кампањи за подигање на свеста околу штетноста на фалсификуваните производи, за превентивно делување со предупредување на потрошувачите за опасностите од широко распространетата повреда на права од интелектуална сопственост. Беше поздравена и досегашната соработка со РЕАКТ, што успешно се спроведува низ разновидни заеднички активности, се потенцира во соопштението на Царинската управа.