Бизнис
11. April 2019 - 16:23

Царината набави нови 13 возила од кумановската „Де лукс ауто“ за 350.000 евра

Царинската Управа за годишнина се поднови со 13 автомобили. Ова е најновата државна институција што купи возила од кумановската компанија ДЕЛУКС-АУТО, што важи за блиска до власта поради поранешни донации за СДСМ. Деновиве цариниците се подновија со 13 автомобили со вкупна вредност од околу 325.000 евра.

Според договорот за купопродажба, објавен на Бирото за јавни набавки, Царинската Управата купила 12 автомобили, марка Шкода Октавија за 24,5 илјади евра по автомобил, како и едно возило Шкода Суперб по цена од 31 илјади евра.

Иако денеска Царинската Управа имаше официјална прослава за своето 27 годишно постоење, директорот Ѓоко Танасоски не сакаше да даде изјава за медиумите за да не се загубел фокусот на прославата.

Токму кај кумановската ДЕЛУКС лани пазареа Основниот суд во Тетово, Државниот инспекторат за животна средина, Бирото за јавни набавки, Централниот регистар и уште ред други државни институции. Особено внимание во јавноста предизвикаа купопродажните договори што оваа компанија ги склучи со Министерството за одбрана за 11 возила и Министерството за внатрешни работи за дури 45 возила.

Инаку, кумановската Делукс јавните набавки ги добива како најевтин понудувач, иако фирмата не е овластен дистрибутер на Шкода, туку само дилер.