Бизнис
9. November 2017 - 14:57

Царината ги запозна фирмите со прописите што ќе се менуваат во наредните пет години

Царинската управа денеска пред бизнис заедницата го презентираше патоказот по кој ќе се менуваат прописите во царинското рабоетење во период од пет години. На презентацијата, соопшти Царинската управа, претставена е визијата за Регионот ЦЕФТА и неговото интегрирање во економска зона, која до  2023 година се очекува да се преобрази во мала унија, како неопходен чекор за да се обезбеди поголем и побрз напредок за регионот, со силна поддршка на Европската унија и Светска банка.

Во презентациите за регионалната економска зона ЦЕФТА, концептот за регионален економски оператор, поедноставените постапки, транзитот и потеклото на стоки, најавено беше постепено укинување на одобренијата за поедноставени царински постапки и преминување на концептот на регионален овластен економски оператор што ќе биде признаен во рамки на ЦЕФТА, меѓусебно прифаќање на прекуграничните документи, спојување на граничните агенции и заедничко управување со ризик, скратување на постапките и размена на информации, воведување на целосна кумулација на потекло во рамки на ЦЕФТА, мониторирање на нецаринските бариери, дигитална интеграција преку воведување нов компјутерски софтвер со електронско потпишување на документи, промовирање на регионалните инвестиции и слободно движење на професионалци преку меѓусебно признавање на дипломи.

На презентацијата, како што соопштуваат од Царинската управа, се потенцираше и потребата компаниите навремено да ги направат приспособувањата за да опстанат во конкурентската борба и да се наметнат како успешни на регионално ниво.

Во оваа насока и Царинската управа преку нов тек на изработка на стратешки план ќе дефинира јасни цели за справување со новите предизвици. Веќе се иницирани и неформални состаноци со директорите од земјите на регионот ЦЕФТА, од кои првиот ќе се одржи во Македонија.

Директорот на Царинската управа во своето обраќање пред присутните уште еднаш ја потврди подготвеноста на Царинската управа секогаш да ги поддржи компаниите во нивните нови развојни движења преку советување и информирање.