Македонија
3. January 2018 - 16:07

Бутарис: Заев ми рече дека ќе го смени името на аеродромот и таблите на улиците

Премиерот Заев има намера да го смени аеродромот и улиците именувани по античката македонска историја. Тоа му го кажал на солунскиот градоначалник Бутарис за време на приватната вечера во Солун, спроти Нова година.

Бутарис во радио интервју за агенцијата АПЕ-МПЕ вели дека спорот за името излегол од контрола поради политичарите.

,,Прашањето за името излезе од колосек, чисто поради глупостите на политичарите. Луѓето сакаат да си најдат идентитет. Со отстапки од двете страни, но и од опозицијата, подготвени се за компромис. Господинот Заев рече дека ќе го смени името на аеродромот, ќе ги смени таблите на улиците‘‘.

Од владата не негираат дека е разговарано за промена на имињата на аеродромот и на улиците. Во одговорот се вели:

,,Владата на РМ отворено и јасно стои на ставот дека немаме предрасуди да разговараме за сите прашања и решенија кои ќе значат унапредување на односите и кои се во интерес на граѓаните. Владата на Република Македонија интензивно работи на градење на мерките на доверба со Република Грција. Владата на РМ очекува дека сите идни одлуки ќе бидат синхронизирани и со согласност од двете страни и ќе ја следат зацртаната динамика на Евро-атлантските интегративни процеси‘‘.​

Бутарис, кој повторно ја смени претходната изјава и вели дека тој го поканил Премиерот Заев да ја пречека Новата година во Солун, објаснува дека Грција мора да има добри односи со соседите, а тој во интервјуто вели дека лично е поголем Македонец од сите.

,,Поголем Македонец од мене не постои поради потеклото. Моето потекло и моето воспитување кажуваат сѐ‘‘.

Во меѓувреме грчките патриотски здруженија и организации од земјата и од странство се мобилизираат по оптимистичките најави дека спорот за името може да се затвори до средината на 2018.

„Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“, за таа намена изработи и интернет страница, но и видео спот „Македонија значи Грција“ во кој се повикува на одбрана на името Македонија, преку протести кои треба да кулминираат за еден месец, со голем собир во Солун, што коинцидира со крајот на собирање потписи за резолуцијата, односно 31. декември.

Овие активности медиумски се поддржани од 60 локални портали и радија од северниот дел на земјата. Грчките телевизии Стар и Скај коментираат дека најавите за протести ги разбудија сеќавањата од почетокот на 90-те и тогашните големи демонстрации, но сепак аналитичарите велат дека овие активности не можат да ја имаат силата како пред 20 години.