Балкан
16. January 2017 - 14:35

Бушати: Белград и Приштина да ги решаваат проблемите со дијалог

Заканите и воинствената реторика на српските официјални претставници по саботното запирање на возот од Белград до Косовска Митровица, не водат никаде, изјави денеска албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати, истакнувајќи дека Србија и Косово меѓусебните проблеми треба да ги решаваат со дијалог.  

Според Бушати, „воено поттикнувачките лидери на Србија“ со своите изјави предизвикале огорченост во Европа, Албанија, но и меѓу самите Срби.

- Во време на годишнината од злосторството во косовското село Рачак, повторното заговарање на агресија е неодговорно и срамно, истакна Бушати.

Според него, како што јави АТА, неоправдано високите тонови мора да се спуштат и да преовладуваат смиреноста и разумот. 

„Промотивниот“ воз на релација Белград-Косовска Митровица во саботата претпладне тргна од српскиот главен град, но по неколкучасовно чекање во Рашка, не го проодлжи патот кон Косово, туку се врати назад.

Белград соопшти дека одлуката за враќање на возот е донесена поради „безбедносни причини“, а српскиот премиер Александар Вучиќ ги обвини властите во Приштина дека подготвувале „воени игри“ и дека планирале „да го запрат возот и да започнат големи судири“.