Македонија
13. May 2019 - 16:14

Бурата се движи кон Македонија - кризните штабови превентивно на терен

Загреб во хаос. Невремето кое веќе втор ден беснее во хрватската престолнина зад себе остави искорнати дрвја, урнати реклами, расфрлани контејнери и оштетени семафори.

Поради силниот ветар, кој од вчера дува во подрачјето на Загреб, прогласен е прв степен на готовност. На нозе се осум илјади пожарникари, додека националниот хидрометеоролошки институт издаде предупредување за речиси цела Хрватска поради можноста од силни ветрови и екстремни врнежи.

Локалните власти информираат дека до изутрината имало 140 интервенции низ Загреб, а повици имало уште од 100-тина адреси.

Во невремето повредени се две лица. Јавниот превоз се одвива отежнато, а полицијата ги предупредува граѓаните да не излегуваат надвор ако не мораат.

Обилни врнежи го зафатија и северозападниот дел на Босна и Херцеговина, а во Приједор и Босански Нови веќе се излеани локалните реки.

За пристигнување на невремето се подготвува и Македонија. Согласно со насоките на кризниот штаб на град Скопје, јавните претпријатија и екипи на „Водовод и канализација“ и “Улици и патишата”излегоа на терен и спроведоа вонредна акција за чистење на сливниците од коловозите и критичните точки низ градот.

Каналите се чистат за да се обезбеди непречен проток на водата од евентуалните обилни врнежи на дожд.

Од Кризниот штаб апелираат да се исклучат пумпите на градежните јами, а граѓаните да ги пријавуваат проблемите на телефонскиот број 193.

Вонреден состанок имаше и Дирекцијата за заштита и спасување, при што беше активирано Оперативното тело за справување со природни непогоди, кое ќе ги ја следи состојбата со евентуалните поплави низ земјава.