Балкан
19. July 2017 - 8:38

Бунт на африкански мигранти на Лезбос

Грчката полиција синоќа употреби солзавец за да спречи бунт на африкански мигранти во центарот за прием и идентификација на мигранти Мориа на островот Лезбос.

Локални полицајци и припадници на специјални единици кои пристигнале од Атина го спречиле бунтот доцна попладне, но мигрантите претходно успеале да запалат околу 4.000 квадратни метри маслинови дрвја околу кампот, како и шатори, инфраструктура и непозната количина отпадоци.

Оштетени се и пет автомобили во сопственост на полицијата и на други вработени кои биле паркирани надвор од кампот Мориа, а повредени се седум полицајци, од кои еден бил однесен во болница како мерка на претпазливост.

Според последните информации, полицијата уапсила повеќе од 30 африкански државјани за поттикнување на насилството, додека еден е хоспитализиран поради респираторни проблеми предизвикани од вдишување солзавец.