Македонија
15. January 2018 - 19:21

Бугарскиот претседател ја поздрави ратификацијата на Договорот за добрососедство

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја поздрави ратификацијата на договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Македонија. Според него, денешното ратификување од страна на македонското Собрание ги комплетира процедурите и го отвора патот за влегување во сила на овој политички документ, што, како што оценува, е најважен за билатералните односи.

„Договорот, што е резултат на долгогодишните напори на дипломати и државници, отвора нова европска страница во билатералните односи. Влегувањето во сила на овој меѓународен акт доаѓа во момент во кој Бугарија го презеде претседавањето со Советот на Европската Унија. Ова има огромно значење за бугарско -македонските билатерални односи и дава јасен сигнал за позитивните случувања на Балканот, кои го доближуваат регионот кон Европа, во контекст на приоритетите на бугарското претседателство“, стои во реакцијата на претседателот.

Радев повика на строго исполнување на точките утврдени во договорот, како и на започнување со сите проекти кои ќе го подобрат животот на бугарските и македонските граѓани.