Македонија
6. April 2016 - 15:51

Бугарски „Минстрој“ официјало ги презема рудниците „Злетово“ и „Тораница“

Министерството за економија и бугарската компанија „Минстрој“ денеска официјално го потпишаа Договорот за давање под концесија на рудниците „Злетово“ и „Тораница“. Сопственикот на „Минстрој“ Николај Влканов најави дека компанијата ќе ги задржи на работа сите 1.000 вработени во двата рудника и ќе им ги надомести заостанатите плати, а производството во „Злетово“ ќе почне кон средината на мај, а во „Тораница“ неколку месеци подоцна.

На потпишувањето на Договорот присуствуваа претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за економија Дритон Кучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Сопственикот на „Минстрој“ Влканов порача дека компанијата има големо искуство во областа на рударството во Бугарија и во светот и има рудници во Африка, во Европа, па дури и во Германија.

- Очекувам уште кон средината на мај да почне производството во рудникот „Злетово“. Ќе ги преземам сите вработени кои речиси една година не добиле плата и веднаш ќе им ги исплатам сите заостанати плати, а уште во текот на месецов ќе ги вратам на работа сите, рече Влканов по потпишувањето на Договорот за концесија и најави дека ќе следи зголемување на платите на рударите.

Тој нагласи дека има целосна соработка со државата и општините, како и луѓето кои биле вработени во двата рудника за нивно успешно рестартирање.

- Имам претстава што се е неопходно да се направи, каква техника и опрема треба да се купи и за тоа ќе вложам 10 милиони евра во двата рудника. Во наредните 20 до 30 дена упорно ќе работиме за во почетокот на мај или најдоцна до средината на јуни да започнат рудниците со работа, рече Влканов.

Премиерот за спроведување на изборите Димитриев порача дека денешното потпишување на Договорот за концесија претставува официјален чекор напред кон конечно рестартирање на двата исклучително значајни рудници за Македонија.

- Денешниот чин е особено важен за нас како Влада, но уште поважен за жителите од Крива Паланка, Пробиштип и околните населени места. За нас како Влада овој чин е од важност затоа што конечно решаваме еден голем проблем кој го имавме со претходниот концесионер и неговата работа која ги однесе во стечај двата рудника. Зa граѓаните е важно тоа што новиот инвеститор веќе најави дека ќе ги врати на работа сите вработени во двата рудника, а воедно и дека дополнително ќе инвестира во нова и современа опрема со која се надеваме дека двата рудници ќе работат успешно и профитабилно, рече Димитриев.

Тој посочи дека компанијата „Минстрој“ е една од водечките компании во Источна Европа во областа на рударството која поседува концесија за повеќе рудници и има искуство во рестартирање на рудници.

- Сето тоа ни дава надеж дека во следниот период двата рудника ги очекува подобра иднина, рече Димитриев.

 

Вицепремиерот Пешевски истакна дека компанијата „Минстрој“ достави највисока и најконкретна понуда на јавниот повик за давање под концесија за експлоатација на минерална суровина за рудниците „Злетово“ и „Тораница“.

- Фокусот на Владата по започнувањето на стечајната постапка на компанијата „Индо минерали“, поранешниот концесионер на двата рудника, беше што е можно побрзо да се изнајде решение со кое ќе се заврши стечајната постапка, ќе се привлече нов сериозен инвеститор, ќе се рестартираат рудниците во најкус временски период и притоа да се задржат сите вработени. Со напорна и посветена работа за само шест месеци успеавме да го реализираме планираното, рече Пешевски.

Тој порача дека нашле нов сериозен и квалитетен партнер кој, како што рече, ќе придонесе за подобрување на условите за работа во двата рудника.

Прецизира дека за концесијата првичен интерес појавија 32 компании, од кои пет доставија конкретни понуди, а специјалната комисија по евалуацијата на понудите утврди дека само три имаат валидна документација со која можат да учествуваат на електронската аукција.

- На аукцијата која започна со почетна цена од околу 880.000 евра концесиски надоместок за двата рудника, компанијата „Минстрој“ ја достави највисоката понуда која изнесува речиси два милиони евра и е повисока за 2,5 пати од почетната, рече Пешевски и додаде дека одлуката за избор на компанијата ја донесе Владата на 22 март.

Со рестартирањето на овие два рудника како држава, нагласи, ќе добиеме многу, се обезбедува работа за 1.000 лица, се рестартира производството, се раздвижува индустријата за вадење минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места и бизнис активности...

Министерот за економија Кучи истакна дека рударството е еден од клучните сектори во економијата чиј развој дава двоен ефект и поттикнува економски активности и во други сектори.

- Новата концесија со што ќе се рестартираат рудниците „Злетово“ и „Тораница“ ќе значи работа за над илјада лица, а инвеститорот најави и дополнителни вработувања. Тоа е од голема важност за општините кои се економски зависни од работата на рудниците, рече Кучи и додаде дека од рестартирањето бенефит ќе имаат општините Пробиштип, Крива Паланка и Кратово бидејќи согласно Законот за минерални суровини 70 отсто од концесискиот надомест е за општините, а останатиот дел оди во централниот Буџет.

Оцени дека позитивните трендови во рударството се потврда дека Македонија се движи во вистинска насока и истакна дека со доделувањето на денешната концесија ќе значи дополнителен раст во рударството кое во минатиот месец забележа раст од 7,9 отсто во споредба со март минатата година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук профил напиша дека денеска се остварува она што го ветиле.

- Добра вест за рударите од Пробиштип, Злетово, Крива Паланка и околните населени места, се потпиша договор за концесија за рудниците за олово и цинк Злетово и Тораница. Компанијата Минстрој во најкус можен рок, што и беше наша примарна задача ќе ги рестартира рудниците и ќе обезбеди работа за рударите, напиша Груевски.

Оваа компанија која работи и во интернационални рамки, додаде, понуди највисока сума на електронската лицитација од околу 2 милиони евра за двете концесии.

- Тие планираат инвестиција од 10 милиони евра и најважното сигурна работа на 1.000 рудари, односно егзистенција на 1.000 семејства од овој крај на државата. Посветеноста се исплатува. Таа напорна работа ќе донесе сигурност и егзистенција на 1.000-те семејства. Продолжуваме понатаму да ги решаваме проблемите на граѓаните и да работиме за нивна корист, нагласи Груевски на својот фејсбук профил.