Македонија
26. January 2022 - 16:41

Бугарски истражители: Возачот на „Беса транс“ е виновен за несреќата во која загинаа 45 македонски државјани

Возачот на автобусот е виновен за автобуската несреќа во Бугарија. Истрагата покажала дека поради неприлагодена брзина и изгубена контрола над автобусот е настаната трагедијата. Ова го соопшти бугарскиот истражител Борис Сарафов во интервју за Бтв. Извештајот е доставен и до македонското обвинителство а ќе биде дадено на увид и на роднините.

Роднините на 45 загинати патници се уште ги чекаат личните предмети и велат дека во прашање е и златен накит кои го носеле на себе. Бугарското обвинителство се уште не одговори на овие прашања. И преживеаните и роднините инсистираат на паралелна истрага за пшричините поради кои настана трагедијата. Предметот за обезбедување на доказите е поднесен пред окружниот суд во Перник. Дополнително ќе бараат правда и од меѓународниот суд во Стразбур.  Македонското обвинителство се уште е во предистражна постапка за работењето на агенцијата Беса Транс. Веќе два месеци нема детали дали некој ќе понесе одговорност за начинот на кој ги организирале патувањата без документи.

„Се обезбедува и се анализира целокупната документација и во детали се испитуваат сите релевантни околности. Но, со цел да не се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали за дејствијата кои се преземаат. “ велат од обвинителството.

Автобуската несреќа  се случи на 23 ноември минатата година во раните утрински часови. Загинаа 45 патници кои се враќаа од продолжен викенд во Истанбул. Несреќата ја преживеаја само седуммина.