Македонија
3. October 2022 - 14:27

Бугарски експерти: Македонија нема големо влијание врз изборите во Бугарија, но сѐ уште мобилизира националисти

Ден по изборите во Бугарија, Европскиот политички центар организираше разговор со бугарски експерти за перспективите во однос на Северна Македонија, тие не очекуваат големи промени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Еден од двајцата присутни експерти, Димитар Бечев, порача дека партиите кои беа најгласни за ветото врз Северна Македонија не направија пробив на изборите вчера, што покажува, според него, дека темата нема голем одек во Бугарија, ниту е врвен приоритет за бугарските граѓани.

Тој смета дека темата била „пренадувана“ од страна на медиумите и некои гласови кои го обликуваат јавното мислење во бугарската јавност.

Професорката Антоанета Димитрова, пак, беше „малку повеќе скептик“ како што рече.

-Темата има малку повеќе капацитет да го мобилизира националистичкото чувство, рече таа, посочувајќи на резултатите на ултранационалистичката партија Преродба на Костадин Костадинов.

Партијата доби околу десет отсто на изборите, порача Димитрова, што укажува на тоа дека многу ќе зависи од тоа дали и каква ќе биде владејачката коалиција по изборите. Иако не е голема тема, Северна Македонија има потенцијал да мобилизира мали националистички коалициски партии.

Таа сепак потсети дека секако Софија има можност да стави вето во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.