Македонија
23. јуни 2022 - 21:15

Бугарската Комисија за надворешна политика усвои модифициран предлог за повлекување на ветото

Бугарскиот парламент и наложува на Владата да го одобри предлогот на француското претседателство за укинување на ветото за почеток на преговорите за членство за Македонија. Ова е заклучокот кој попладнево го донесе Комисијата за надворешни работи на Бугарија. Се работи за прифаќање на предлогот на пратениците од „Демократска Бугарија“ и отфрлање на другите два предлози кои стигнаа од ДПС и ГЕРБ. Бугарските медиуми објавуваат модифицирање на т.н. француски предлог во 4 точки.

Прво, во двата документи,  преговарачката рамка и заклучоците од Советот на ЕУ, да се прецизираат така што ќе гарантираат вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија таму, каде што се споменати другите народи и на рамноправна основа со тие народи.

Ова според првичните толкувања значи вметнување на Бугарите во делот на Преамбулата на Уставот, а не во нормативниот дел.

Второ, во двата документи да се наведе јасно дека ништо во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не може да се толкува како признавање на Бугарија за постоење на македонски јазик.

Трето, да се дадат гаранции дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум до крајот на преговорите на Скопје за членство и Европската комисија за цело време го информира Европскиот совет за имплементацијата,

и

Четврто, периодичниот преглед на исполнувањето на Договорот за добрососедство треба да биде јавно објавен и во преговарачкиот процес.

Предлогот уште утре ќе треба да помине и на пленарна седница, а со тоа премиерот во оставка Петков веднаш ќе треба да го образложи на состанокот на Европскиот совет на кој се носат заклучоците од француското претседателство и евентуалната преговарачка рамка.

Петков по одбивањето на францускиот предлог од Македонија, рече дека разговорите со Македонија биле тешки, но дека тој ќе се води од инструкциите на неговиот парламент.

Македонија исто така ќе треба да се произнесе по овој видоизменет предлог на Бугарија.