Македонија
1. December 2021 - 21:25

Бугарија ќе и помогне на Македонија во подготовката на трудовото законодавство согласно со барањата на ЕУ

Бугарија ќе обезбеди експертска поддршка на Македонија во подготовката на законодавството од областа на трудот и здравјето и безбедноста при работа, согласно барањата на Европската Унија. На овој начин Бугарија ќе го поддржи патот на Македонија кон членство во ЕУ и социјалната политика, соопшти  Министерството за труд и социјална политика на Бугарија по средбата во Софија на бугарскиот вицепремиер и министер за социјала Галаб Донев и неговата македонска колешка Јагода Шахпаска.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, размената на искуства во подготовката на прописите ќе биде дел од програмата за соработка во областа на вработувањето и социјалната политика за периодот 2022-2024 година, што ќе ја подготват двете соседни земји.

За време на разговорот министерот Донев ги презентирал антикризните мерки на бугарската Влада за поддршка на вработувањето, бизнисот и семејствата, а како што информирал Бугарија во моментов има најниска стапка на невработеност од 4,8 отсто.

Донев и Шахпанска разменија искуства за мерки за унапредување на вработувањето на млади и економски неактивни лица, проекти за субвенционирање на работни места и намалување на невработеноста, како и за создавање услови за конструктивен дијалог со репрезентативните организации на работодавачи и синдикатите.

Тие изразија надеж дека Бугарија и Република Македонија ќе ја продолжат соработката на полето на работната миграција со потпишување договор за нејзино регулирање со цел да се обезбеди полесен пристап до пазарот на труд за граѓаните на двете земји.

Министерката за социјални работи на Македонија Јагода Шахпаска е во посета на Софија за да учествува на меѓународната конференција за демографска одржливост, на која учествува и заменик-генералниот секретар на Обединетите нации и директор на Фондот за население на Обединетите нации, Наталија Канем.