Македонија
16. јуни 2021 - 16:47

Бугарија е најголема закана според граѓаните покажува истражувањето на ИДСЦ

60% од Македонците не чувствуваат закана од соседите, но половина од тие кои се изјасниле позитивно стравуваат од Бугарија, како последица на блокадите на евроинтегративниот пат. Македонците воопшто не ја перцепираат Грција како закана. Над 72% од Грците, пак, сметаат дека Турција претставува закана за нив. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење спроведено во Македонија и во Грција.

Во македонската анкета има едно дополнително прашање, на кое дури 70% од анкетираните одговориле дека можеби или сигурно би го поддржеле договорот дури и ако знаеле дека повторно ќе бидат одложени преговорите со ЕУ и покрај Преспанскиот договор.

Најголема причина за спротивставување на договорот и за двата народи претставува откажувањето од името, јазикот и/или етничката припадност.

Во врска со проблемот со името, 59% од Грците сметаат дека тие се во право. Од македонска страна, пак, 52% од анкетираните сметаат дека ние сме во право, 23% дека се двете држави, а дури 14% од Македонците сметаат дека Грција е во право.

Околу половина од испитаниците и во Грција и во Македонија сметаат дека договорот од Преспа помогнал за зајакнување на стабилноста во регионот, додека околу една третина не се согласуваат со тоа.

Интересно е и тоа што околу две третини од испитаниците и во Грција и во Македонија сметаат дека треба да се укине или ревидира Преспанскиот договор, додека една третина се за да се имплементира.

Анкетата е спроведена во втората половина од мај. Во Македонија ја реализирал Институтот за демократија “Социетас Цивилис” на примерок од 1.000 испитаници, а во Грција Единицата на Институтот за истражување на Универзитетот Македонија на примерок од 1.056 испитаници.