Бугарија доби политичка влада, ќе ја предводи Росен Жељазков
Бугарија доби нова влада. Со 125 гласа ЗА и 114 Против, пратениците во народното собрание го избраа Росен Жељазков за нов бугарски премиер. Во владиниот кабинет влегуваат три коалициони партнери - ГЕРБ-СДС, ИТН И БСП – Обединета левица, а парламентарна поддршка доби и од блокот на Ахмед Доган.
Премиерот и новите министри положија заклетва. Во експозето во парламентот Жељзков им се заблагодари на коалиционите партнери и најави дека ќе работи Бугарија да стане модерна држава, а како еден од приоритетите е станување дел од еврозоната.
„На Бугарија и треба редовна влада за спроведување на политики кои гарантираат владеење на правото, социјална заштита. Затоа што земјата е во криза на доверба. На граѓаните и на бизнисите им е потребна поддршка. Поради комплицираното опкружување на војни и кризи. Кои се главните принципи кои не обединија во коалицијата? Владеење на правото, ефикасност во јавните услуги, зајакнување на директното учество на граѓаните во државната власт“, истакна новиот бугарски премиер.
Опозицијата пак со критика за владиниот тим – во ваков состав влада нема долго да трае.
Бугарскиот претседател Радев по гласањето на новата влада прача дека на Бугарија и треба стабилно мнозинство за да има стабилна влада која ќе ги брани националните интереси.
„Оваа влада се роди пред се од потребата да се стави крај на политичката криза и на овој бесконечен циклус на избори, нејзиниот хоризонт зависи од тоа какви цели ќе ги постави и со какви средства и методи ќе ги постигне. Важно е да се работи во интерес на бугарскиот народ, да се брани неговата независност од политичките и олигархиските кругови со интерес за судството и јавните набавки. Ова е премногу разновидно и комплицирано управување со државата“, рече Радев.
Во владиниот кабинет ќе има тројца вицепремиери и 19 министри. На чело на бугарската дипломатија доаѓа 33-годишниот Георг Георгиев, кој беше заменик на Екатерина Захариева од 2017 до 2021 година.
-
Ивана Соколовиќ Најдов
Сите содржини од овој новинар