Бизнис
9. November 2017 - 14:16

Буџетот за 2018 година на владина седница

Подготвениот предлог буџет за 2018 година од страна на Министерството за финансии, денеска ќе биде на дневен ред на седница на Владата која е закажана за доцна попладнево.

Предлогот буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живот. 

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари заради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.

За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари и тие се пониски за 420 милиони денари односно за 2,4 проценти во однос на проектираното за 2017 година.

Со Предлог-буџетот за 2018 година се предвидува зголемување на акцизата за нафтата за три денари од што очекуваниот ефект ќе изнесува 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то 350 милиони денари и со тоа ќе има дополнителни приходи за Јавното претпријатие за државни патишта.

Предлог-буџетот за наредната година првпат од осамостојувањето е претставен во јавноста пред да биде испратен на усвојување во Владата а потоа и до Собранието. Беше организирана и јавна дебата со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и експерти, а беа поканети и претставници од опозицијата кои одлучија да не учествуваат. Предлог-буџетот беше претставен и пред синдикатите, стопанските комори и невладиниот сектор.

Министерот Тевдовски, како што објави МИА, посочи дека со овој буџет во 2018 година планирана е постепена фискална консолидација која се гледа од тоа што планираниот дефицит за следната година е понизок за 0,2 отсто од оној во 2017 година кој е проектиран на 2,9 проценти.

За премиерот Зоран Заев пак предлог буџетот за 2018 годија е буџет за финансиска стабилност.

- Ова е буџет за финансиска стабилизација. Продолжуваме и со земање кредити со кои ќе се поддржат само инфраструктурни проекти. Но, она што значи и стабилизација и исправени сме пред покачувањето на акцизата на нафтата од три денари за да може да ги покриеме оние обврски што се значајни за граѓаните, а да не биде само од земање кредити, рече премиерот Заев на јавната дебата организирана во рамки на политиката на Владата за отчетност и транспареност во носењето на Буџетот уште во фазата на неговата подготовка пред тој да биде изгласан од Владата.

Предлог-буџетот што ќе го усвои Владата, треба да биде испратен до Собранието најдоцна до 15 ноември.

На владината седница денеска на дневен ред се и Предлог-законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како и  неколку други точки од интерес на граѓаните на Република Македонија.