Бизнис
2. November 2017 - 13:04

Буџетот за 2018 година 3,44 милијарди евра

Буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живот.

Според Предлог-буџетот, што денеска беше претставен на јавна дебата во Минситерство за финансии, расходите се за 4,1 проценти повисоки од оние во 2017 година, а приходите за 4,7 проценти.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека е планирано постепена фискална консолидација која се гледа и од тоа што планираниот дефицит за следната година е понизок за 0,2 отсто од оној во 2017 година кој е предвиден на 2,9 проценти.
Среднорочно, планирана е постепена фискална консолидација, односно строга контрола на помалку продуктивните расходи, истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, рече министерот Тевдовски, кој додаде дека буџетскиот дефицит ќе се финансира од домашни и надворешни извори зависно од пазарните услови.

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари заради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.

Во рамки на капиталните расходи планирани се средства за завршување на патната делница Демир Капија-Смоквица, реконструкција на Коридорот 10, изградба на железничката пруга од Коридорот 8, дозиградба на пругата Битола-Кременица и изградба на патната секција Градско-Дреново, за што вкупно планирани се 3,5 милијарди денари. За комунална инфраструктура планирани се 5,9 милијарди денари за изградба на национален гасоводен систем, за водоводи и канализации, пречистителни станици и рамномерен регионален развој. За инвестиции во ТИРЗ планирани се 431 милиони денари. За изградба на детски градинки, спортски објекти, основни и средни училишта, универзитети и студентски домови планирани се 2,4 милијарди денари, за инвестиции во здравството 1,9 милијарди денари, за инвестиции во одбраната една милијарда денари, во правосудтвото 531 милиони денари и за јавен ред и безбедност 917 милиони денари.

Министерот Тевдовски најави дека стапката на социјални придонеси нема да се менува, промена ќе има само кај оние приматели на повисоки плати кај кои ќе се зголеми основицата од 12 на 16 просечни плати. Повратот на ДДВ кон фирмите, нагласи Тевдовски, и натаму ќе биде редовен и недискриминаторски, посочувајќи дека во септември е направен поврат од 2 милијарди денари.

За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари и тие се пониски за 420 милиони денари односно за 2,4 проценти во однос на проектираното за 2017 година.

На дебатата беа учествуваа претставници на стопанските комори, синдикатите, невладиниот сектор и меѓународни фианансиски инситутуции присутни во Македонија.
Бизнис секторот побара добро спроведување на прогресивниот данок за компаниите да бидат подготвени за неговата примена, синдикатите се заложија за раст на платите и исплата на К-15, а невладиниот сектор за реализација на капиталните расходи.

Според министерот Тевдовски, токму во насока на добро подготвеност прогресивното оданочување ќе стартува во 2019 година.
За платите одговори дека веќе се преземаат мерки за зголемување на општото ниво на платите со покачување на минималната плата, а дека следната година ќе има зголемување во она што се темели на општеството односно образованието и здравството. Според него, со економскиот раст ќе се придонесе и кон зголемување на платите во сите сектори. За можноста за исплата на К-15 рече дека не се предвидени средства во Предлог-буџетот за 2018 година, но оти доколку се создадат услови тоа може да се направи со ребаланс.