Македонија
12. November 2017 - 16:17

Буџет 2018: Уште повеќе пари за патни трошоци и плати за пратениците

Нешто повеќе од 9,3 милиони евра ќе изнесува буџетот за Собранието за наредната 2018 година. Парите кои ги предвидела Владата за највискотото законадавно тело се на ниво на овогодинешниот ребаланс, но интересно е тоа што досега во буџетот годишно се предвидуваа околу 1,1 милиони евра за доизградба на собраниската зграда, трошок кој догодина ќе го нема. Ставката за изградба на градежни објекти во 2018 година е нула денари, додека за мебел за новите простории е за третина помала и е сведена на 48 илјади евра.

Тогаш на што би се потрошиле овие дополнителни пари?

Според предлог-буџетот за 2018 година, Собранието крајот на годината ќе го заврши со 437 вработени, што е за 34 вработени повеќе од почетокот на годинава кога биле евидентирани 404 вработени. Тоа би донело поголема ставка за околу 35 илјади евра. За плати и надоместоци на пратениците и вработените догодина ќе треба да се потрошат 5,1 милион евра, што е повеќе од половина од целиот буџет на парламентот.

Двојно повеќе, парлементот би трошел за патни трошоци. Ако оваа година се трошеа околу 650 илјади евра, сега за патни трошоци би се потрошиле дури 1,3 милиони евра. Речиси двојно се зголемени и парите за договорни услуги од 203 илјади евра на 382 илјади евра. За привремени вработувања пак, ќе се потрошат 150 илјади евра.

Парламентот до година предвидено е да набави и нови возила за што би потрошило околу 97 илјади евра.

Едно од поголемните покачуѕвања во буџетот на парламентот е она за Собранискиот канал.  Владата планира да го поднови Собраниски, па така од 50 илјади евра колку што беа на располагање годинава, сега ќе добие 340 илјади евра и тоа речиси сите за набавка на опрема и машини.

Прв пат во собранискиот буџет се одвојуваат пари и за Парламентрниот институт кој досега се финансираше од донации на странски амбасади. Вработените во Институтот и понатаму ќе бидат платени со странски пари, а  државата ќе потроши 112 илјади евра за договорните услуги и патни трошоци.

Во буџетот на парламентот вратени се и парите за средби со граѓани на 210 илјади евра, кои со ребалнсот летово беа прополовени.