Спорт плус
3. February 2020 - 11:53

Будимпешта домаќин на спортските новинари од целиот свет

Од денеска па во наредните три дена Будимпешта ќе биде домаќин на спортските новинари од целиот свет.

Во унгарскиот главен град ќе се одржува 83-тиот конгрес на Светската Асоцијација на Спортски Новинари, а воедно и второто издание на наградите и признанијата кои ги доделува АИСП Постигнатите спортски резултати остануваат не забележани, доколку ги нема спортските новинари, па затоа една од главните теми ќе биде и нивната улога во афирмацијата на спортот, како и соработката со меѓународните спортски федерации.

Уште на првиот ден предвидени е работна средба со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, по што во вечерните часови ќе се одржи и церемонијата на доделување на признанија во повеќе категории, како пишан текст, видео сторија, истражувачко новинарство и неколку други. Работните состаноци на континенталните асоцијации на спортските новинари, средбите со претставниците на ракометната, атлетската, и повеќе други интернационални спортски федерации, како и дебатата за улогата на жената во спортското новинарство, младите и спортското новинарство, се дел од програмата предвидена за вториот ден.

Истражувачкото спортско новинарство ќе биде и една од главните теми, на кои своите искуства ќе ги споделат не само оние кои годинава влегоа во потесниот избор за признанието во оваа категорија, туку и искуствата собрани од најразлични земји од сите континенти, преку кои спортските новинари се „борат“ против корупцијата, наместените резултати, насилството и девијациите во спортот.

Новото време и се поголемото користење на технологијата ќе имаат посебно место на овој Конгрес, на кој ќе се говори за прилагодувањето на традиционалните начини кон интернет медиуми и социјалните мрежи, како можностите кои ги нудат интернет телевизиите. Од тој аспект свои обраќана ќе имаат и претставниците од Интернационалниот Олимписки комитет (ИОК), кои ќе говорат за значењето на Олимпискиот Бродкастинг Сервис. Соработката на регионално ниво која Македонската Асоцијација ја прави веќе години наназад низ разни форми, пред се како домаќин и организатор на таквите настани, и овојпат колегите од целиот свет знаат да ја препознаат, па оттаму и бројните пофалби за досегашната наша работа.

За Сител од Будимпешта, Игор Трпески