Македонија
11. October 2020 - 21:16

Бучковски: Заев и Борисов да ги надминат недоразбирањата, прашањето е политичко, а не историско

Заев го вклучи алармот и со последните пораки дека е можен лош исход наместо старт на преговори, сака да побара помош од Унијата во изгладување на односите со Бугарија. Поранешниот премиер Владо Бучковски вели на овој начин Заев бара помош од Германија која годинава претседава со Унијата.

Бучковски вели дека македонско-бугарските односи се во критична фаза и во овој момент единствено нешто што може да помогне е двајцата премиери да ги искористат своите авторитети но пред се довербата што меѓу себе ја градеа изминативе три години.

За поранешниот македонски премиер кој е добар познавач на состојбите меѓу Македонија и Бугарија, во овој момент е време за политички а не историски компромис. Инаку екс премиерот апелира до Kомисијата за историски прашања да се држат до историските факти и на тој начин да му помогнат на политичкиот процес на градење добросoседство и пријателство.

Засега нема официјален коментар од Софија по изјавата на Заев, но европратеникот од владејачката ГЕРБ Андреј Ковачев денеска ја оцени како провокација кон Бугарија дури честитката на премиерот Заев за државниот празник 11 октомври.

„Зошто на Заев му треба оваа антибугарска провокација токму сега ? Србин убива Бугарин, татко на три деца и роднина на Дамјан Груев. Ова се нарекува „народно востание“ и го чествуваат секоја година! Во ЕУ нема место за лагата и антибугарската идеологија. “напиша Ковачев.