Македонија
29. April 2021 - 20:50

Бучковски: Реално во овој момент не можеме да направиме многу, немаме легитимен соговорник од другата страна

Реално во овој момент не можеме да направиме многу. Ние сме подготвени, но од другата страна немаме соговорник со полн легитимитет за да ги заокружиме преговорите со Бугарија, оцени вечерва специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски.

На гостувањето во централниот дневник на телевизија Сител, Бучковски рече дека развојот на настаните во Бугарија навестува дека таа навлегува во сериозна политичка криза, а во следните три месеци ќе има техничка влада која ќе биде предложена од претседателот Радев.

– Сето тоа невестува дека во периодот што претстои ќе јакне улогата на претседателот Радев. Ние досега имавме редовни контакти со него и со неговиот Кабинет. Морам да признаам дека на средбата што ја имав во втората половина на декември, не видов разлика меѓу позициите кои ги имаше Владата и претседателот. Тој со гордост говореше дека и Декларацијата во Парламентот е донесена на негово инсистирање. Така што треба да бидеме свесни дека бугарските позиции ќе бидат тврди и во иднина, но од друга страна и нашите позиции се кристално јасни до каде и што можеме да направиме како отстапка во преговорите. Ние велиме – не одиме подалеку од рамките на Договорот за пријателство и соработка и сметаме дека тој е нашата најсилна заштита. Од друга страна евидентно е дека атмосферата во ЕУ станува понаклонета да се најде некое решение, истакна Бучковски.

Она што во овој ваккум период би требало да продолжи, според него, е да се гради клима на доверба во делот на медиумите, културата, образованието, бизнис заедницата и младите.

– Но, од друга страна, за клучните политички прашања треба да имаме соодветен соговорник, рече Бучковски, додавајќи дека иако во Бугарија во моментот има функционални институции, сепак владите се тие кои преговараат.

Истакна дека бил убеден дека завршниот договор ќе биде направен по бугарските избори, но, вели, ако тоа не успееме да го направиме сега, тогаш втората шанса е по нивните избори за претседател кои би се случиле во ноември-декември.

– Тогаш е словенечкото претседателство. Тоа е втората голема шанса. Јас сум убеден, по природа сум оптимист, подвлече Бучковски.

Ненаоѓањето на заеднички јазик со опозицијата во земјава, според Бучковски, е хендикеп и мора во следниот период да се најде начин ова да се надмине.

Истакна дека досега нема разговарано со Слави Трифунов бидејќи стратегијата на нашата држава била дека додека не заврши изборниот процес во Бугарија и не се официјализира новата бугарска влада, тој како специјален претставник да не прави никакви чекори.

Во однос на вклучувањето на независни експерти кои би помогнале во методологијата и надминувањето на евентуалните спорови во заедничката македонско-бугарска комисија, Бучковски рече дека тоа не било прифатено од бугарска страна.

– Реално од бугарска страна има преокупација со работата на заедничката историска комисија. Таа има сериозен одраз на создадената атмосфера. И ние тоа го имаме во предвид во нашата стратегија и велиме дека не се мешаме во работата на комисијата, но во секоја пригода ќе треба да ги охрабруваме нашите и нивните експерти час поскоро да излегуваат со решенија, бидејќи се стекнува впечаток дека заглавивме во историјата, а тоа има одраз на нашата желба час поскоро да градиме заедничка иднина. И тука некаде е формулата каде треба да го бараме излезното решение, рече Бучковски.