Македонија
2. October 2018 - 16:08

Брзите гласачи бавно минуваат низ правниот систем на државата

Брзите гласачи бавно минуваат низ македонскиот правен систем. Обвинителството ќе ја чека пријавата на ВМРО-ДПМНЕ за да провери дали еден гласач може да го реализира своето гласачко право за 17 секунди или пак на изборите во Сарај и во Студеничани постоеле одредени нерегуларности.

„Јавното обвинителство на Република Македонија ги следи сите информации поврзани со евентуални противправности при референдумското изјаснување на граѓаните и ќе постапи доколку некаде постојат основи на сомнение дека е сторено кривично дело
Со оглед на тоа што една партија веќе најави дека ќе поднесе пријава до обвинителството во врска со нивните сознанија за гласањето во овие места, Јавното обвинителство ја очекува пријавата и по истата веднаш ќе постапи во насока на проверка на наводите.“ – велат од обвинителството за Сител

Без акција и во МВР. Иако полицијата ревносно работи на случаите за наводното попречување на гласањето, министерот Спасовски денеска вели дека за брзите гласачи пријава нема

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште вчера за случајот со брзите гласачи поднесе кривична пријава за наводно полнење на гласачките кутии.  Од опозицијата денеска го обвинија обвинителството дека не ги процесуира пријавите против власта и побараа јавниот обвинител да си поднесе оставка

Сител вчера објави дека на гласачко место во Студеничани за 90 минути гласале 314 гласачи или во просек, на секои 17 секунди во гласачката кутија паѓало по едно ливче.
Нешто побавни но со место високо на листата најбрзи гласачи во Македонија се и оние од Сарај. На две избирачки места во оваа скопска општина брзите гласачи успеале да постигнат време од близу 20 секунди по глас.
За овој случај никаква постапка се уште не води ниту ДИК. На денешната седница членовите на комисијата имаат можност да побараат да се проверат гласачките ливчиња на овие гласачки места за да се утврди како е можно некој за 17 секунди да биде проверен со УВ ламба, идентификуван, пронајден во гласачкиот список, а при тоа да остане време за да се потпише, да биде прснат со спреј, да замине зад параванот на гласање и да го пушти ливчето во кутијата.