Бизнис
2. October 2017 - 12:56

Брз поврат на ДДВ и помали казни, бараат малите и средните претпријатија

Брзо, целосно и безусловно враќање на ДДВ-то, намалување на глобите и укинување на двојните казни, и за правните и за одговорните лица, како и законско регулирање на практиканството, ангажирањето невработени и пробното работење, бараат микро, малите и средните претпријатија.

Ова се само мал дел од нивните проблеми идентификувани со анкетата што ја спровеле стопанските комори и УСАИД-проектот за подобра бизнис регулатива во почетокот на годинава.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, компаниите имаат голем проблем и со односот на царинските службеници поради што бараат донесување етички кодекс за нивното работење.

- Компаниите немаат толку голем проблем со законите, колку со различното нивно толкување од страна на цариниците. Се жалат и дека царинските работници често постапуваат субјективно и непрофесионално, истакна Павлина Димовска од УСАИД-проектот.

Анкетата е спроведена од декември 2016 до јануари 2017 на микро мали и средни претпријатија од текстилната индустрија, градежништвото, земјоделството и ИКТ-секторот. Детектирани се вкупно 60 проблеми, од кои 27 се веќе разработени, а за некои има и иницијативи во насока на надминување преку измени на закони.