Македонија
17. December 2016 - 20:54

Брвеница одбележа 20 години од првиот општински совет

Со свечена седница денеска општина Брвеница одбележа дваесет години од конституирањето на првиот совет на општината. Сите овие години на постоење на општината, сите досегашни општински совети подеднакво учествувале во подобрувањето на условите на живеење, а токму меѓуетничкиот живот била нивната најголема одлика, истакна градоначалникот Енвер Пајазити.

- Покрај она што е законска обврска на локалната самоуправа ние направивме се да ја подобриме инфраструктурата на локалните и регионалните патишта, 70 отсто од населението веќе е приклучено и има можност за користење на канализација, доста е инвестирано и во водоснабдувањето, во сферата на образованието се истакнува завршувањето на училиштето 7-ми март во Долни Челопек што многу скоро ќе биде отворено, а заедно со меѓународните организации од пролет започнуваме со изградба на училиштето во Гургурница. Заедно со претходните гарнитури успеавме да изградиме еден однос на почитување на различните заедници што е основа за напредок на сите жители, изјави Пајазити.

Тој најави дека во следната година ќе се продолжи со работата на повеќе патишта како Челопек - Милетино, локалниот пат низ Теново и патот од МИлетино до Блаце и изградба н канализацијата од Блаце до главниот колектор во Милетино. Свои говори на свечената седница имаа и претходните градоначалници и членови на советот на општината кои присетувајќи се на нивните мандати направија кратка ретроспектива која пак зборуваше за тоа каква била некогаш, а каква е сега општина Брвеница.

Општината е формирана во 1996 година со Законот за територијална организација на Република Македонија. Пред 1996 година, територијата на општина Брвеница беше составен дел од општина Тетово. Брвеница спаѓа во руралните општини и опфаќа 10 населени места организирани во 11 месни заедници.