Свет
25. May 2018 - 14:27

Брутално убиство: Новинарка пронајдена во локва крв, ја претепале до смрт

Мексиканската новинарка Алисија Дијас Гонзалес е пронајдена мртва во својот дом во Монтереј, на северот од Мексико, а на нејзиното тело се пронајдени траги на претепување.

Смртта на новинарката ја потврди весникот Финансијеро за кој работеше од јануари годинава.

„Неопходно е да се добие официјално објаснување за смртта на новинарката“, наведе на Твитер уредникот на весникот Маусисио Мехиа.

Новинарката (52) е пронајдена на подот во локва крв, наведоа локалнтие власти и додадоа дека телото го пронашол нејзиниот син.

Засега не се знае дали нејзината смрт е поврзана со нејзините новинарски активности. Нејзините колеги рекоа дека пишувала за локалните претпријатиеја, данокот, хипотеки и инвестиции во јавниот сектор, но и додадоа дека не покривала чувствителни теми.

Новинарот Хуан Карлос Хуерта е убиен минатата недела додека излегувал од својот дом на југоистокот на Мексико и тоа е четврто убиство на новинар во таа земја од почетокот на годината.

Над 100 новинари се убиени во Мексико од 2000 година.