Македонија
13. December 2016 - 16:13

Брошура за предмети од етнозбирката на библиотеката АЛ-БИ

Библиотеката Ал-Би од демирхисарското село Бабино објави брошура „Етноризницата низ слика, порака и стих“ од ученици-основци,  посветена на 33 предмети од богатата етнозбирка  која е во состав на библиотеката.

Ученици од основните училишта „Браќа Миладиновци“ од село Жван и „Гоце Делчев“ од Демир Хисар се автори на ликовните и литературните  творби за предмеите кои се користеле во минатото, како: утија, ругузина, опинци, пирустија, разбој, налани, аван, ѓум, кантар, мангал, стомна, бутин... На крајот од брошурата во речник се појаснети значењата на старинските предмети.

- Учениците направија успешен обид да го реконструираат животот на симболичен начин на 33 етнопредмети следејќи ја нивната судбина низ годините - животот на предметот и животот со предметот... Ова се предмети на кои подолго време им го имаме свртено грбот и сме ги сокриле од нашата совест, а биле најважен и неодминлив дел од животот на нашите предци, истакнува во предговорот на брошурата Слободан Стојковски, кустос во Завод и музеј Битола. 

Библиотеката Ал-Би има фонд од 20.000 наслови, а етнозбирката содржи над 120 предмети изработени од дрво, бакар, железо, месинг, платно... кои го отсликуваат демирхисарското поднебје. Дел од нив се и 33-те на кои им е посветена брошурата која АЛ-БИ ја објави со финансиска поддршка од Министерството за култура.