Македонија
30. July 2021 - 8:38

Бројот на заразени со Ковид-19 се зголемува

Во пораст е бројот на заболени од Ковид-19 во државава. Податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје за претходното деноноќие покажуваат дека при направени 3.764 тестирања се регистрирани 54 нови случаи со Ковид-19, 12 оздравени и нема починати пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.225 бројот на оздравени пациенти е 150.333, на починати е 5.491, а на активни случаи изнесува 401 од кои најголем број – 139 се во Скопје и 106 во Тетово…

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација, која денеска ќе се одвива во 19 населени места. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 506.033 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 3.770 граѓани, а завчера вкупно се вакцинирале 14.230 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 878.290 дози вакцини, а ревакцинирани се 372.257 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што посочуваат од Министерството, 63 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 61 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 56 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 46 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата, информираат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.