Македонија
10. April 2020 - 8:42

Бројот на заболени од Ковид-19 достигна 663, на Инфективна седум пациенти во критична состојба

Со новозаболените 46 лица од коронавирус, вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава достигна 663 лица. Меѓу заболените е и првиот регистриран случај на заразен од овој вирус во Пробиштип. Досега бројката на излечени пациенти е 37, а на смртни случаи 30.

Според место на постојано живеење или повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 19 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје  и Куманово, додека највисок леталитет (смртност) се регистрира во Струга и Тетово.

Досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје – 273, Куманово – 143,  Дебар – 49,  Штип-20,  Прилеп –46, Тетово – 30, Струга – 30, Велес – 18, Битола –8, Охрид –3, Кавадарци – 3, Гостивар –4, Гевглелија – 4,Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 19, Пробиштип – 1.

Во однос на дистрибуцијата по пол, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на веб-страницата објави дека се регистрирани 319 машки и 344 женски лица. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 46 години). Најголем број заболени (21,3 проценти) се на возраст од 50 до 59 години.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,1 отсто), кашлица (60,2), слабост (34,4), треска (20,1), болка во грло (16,6), отежнато дишење (16,2) и главоболка (16,0 проценти), а 206 лица се или биле без симптоми.

Според извештајот на ИЈЗ, во однос на коморбидитети, кај 181 лице се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 126 лица имаат кардиоваскуларна болест, 36 лица се со хронична белодробна болест, 35 со дијабет, 11 со хронична бубрежна болест и 23 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 80 се присутни коморбидитети. Регистрирани се 82 случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, од срцев удар без симптоми на коронавирус почина притвореник примен на 8 март годинава, а на кој постмортем му е потврден Ковид-19. Се прават епидемиолошки анкети на сите кои биле во близок контакт со него, по што ќе се преземат соодветни мерки.

На Клиниката за инфективни болести вкупниот број на хоспитализирани пациенти изнесува 68 од кои со потешка клиничка слика се 20, а седум се во критична состојба. Таму се примени мајка и четиримесечно бебе од Кочани кое се следи од страна на педијатар со сосема лесна форма на анемија и исип. Бебето е во стабилна здравствена состојба и без потреба од респираторна поддршка. Тестот на мајката на бебето, пак, како што соопшти доцна синоќа МЗ, е негативен на Ковид-19.

Четворица од пациентите кои се лекуваат на Инфективната клиника се очекува да бидат пуштени дома доколку и вториот тест е негативен.

Во болницата „8 Септември“ се хоспитализирани 25 пациенти, пет од нив се во тешка состојба и се наоѓаат во Одделот за интензивно лекување приклучени на вештачка вентилација. Во Битола има четири пациенти кои се на болничко лекување од нив тројца се во стабилна состојба, а еден е со кислородна поддршка. Во болницата во Штип четоврица пациенти се на болнички третман и сите се со лесна форма на болеста.

Во Домот за стари лица во Битола примен е еден штитеник на 18 март и една недела подоцна е примен на Инфективното одделение на битолската Клиничка болница поради зголемена температура, и за него е добиена потврда дека е позитивен на Ковид-19. Земени се брисеви на сите во останатите соби во домот и на дел од персоналот кои биле во контакт со него, а дадени се и препораки  за темелно чистење. Државниот санитарен инспекторт ќе го испита целиот процес од приемот на штитеникот во домот.

Во кумановската болница, како што потврди вчера директорката на болницата Снежана Захариева шест медицински сестри се заразени со коронавирус. Има и четири здравствени работници од Институот за јавно здравје во Куманово кои се позитивни на Ковид-19.

Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција, во МЗ почнаа да се отвораат понудите за респираторни машини, а во тек се или завршиле повеќе постапки во однос на заштитна опрема на реагенси. Вчера почнала уште една постапка за набавка на три илјади реагенси за лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

Објавена е листата на донатори од кои на сметката на која што се донираат парични средства се собрани близу 60 милиони денари. Овие средства за многу краток период ќе бидат употребени за набавка на материјали за третманот на пациентите.

Филипче тврди дека заштитна опрема има сосем доволно и оти таа се користи соодветно од страна на лекарите.

Засега ставот на Комисијата за заразни болести е дека се продолжува со истата стратегија, односно се тестираат за присуство на вирусот симптоматските пациенти, а се следат нивни примарни и секундарни контакти, според ризикот. Доколку некој од нив е со симптоми тогаш се прави тестирање. Досега во земјата се направени 6.571 тестирања на Ковид-19.