Свет
13. October 2017 - 12:09

ОН: Бројот на раселени лица поради природни катастрофи ќе достигне 14 милиони годишно

Проценките на Обединетите нации укажуваат дека, со влошувањето на климатските промени и природните катастрофи, можеме да очекуваме во просек по 14 милиони лица годишно да останат без своите домови.

Како главни ризици кои ги анализирала Канцеларијата за намалување на ризици на ОН, се ненадејните поплави, земјотреси, циклони и други природни катастрофи. Извештајот е објавен денеска, на Меѓународниот ден за намалување на ризици од природни несреќи, и според него, особено загрозени се државите во Јужна и Југоисточна Азија.

Извештајот содржи анализи на бројот на луѓе кои се внатрешно раселени или се загрозени од природни катастрофи и само во Индија, тој изнесува 2,3 милиони луѓе, додека во Кина бројката достигнува 1,3 милиони.

Од развиените индустриски земји, Русија и САД имаат по неколку стотици илјади лица кои се директно загрозени од природни несреќи и агенцијата УНИСДР на Обединетите нации ги повикува да ги подобрат своите капацитети за справување со природни катастрофи.