Македонија
22. јуни 2018 - 16:32

Бројни домашни и регионални музички ѕвезди на „Пивофест-Прилеп 2018“

Дани, Тони Зен, Кирил Џајковски. Дарио, Ван Гог, Црвена Јабука Некст Тајм, Џенан Лонџаревиќ, Жељко Јоксимовиќ, Либеро бенд, Милица Тодоровиќ и Шабан Шаулиќ ќе бидат дел од музичките имиња кои оваа година ќе настапат на 16-тиот по ред Пиво фест во Прилеп, кој ќе се одржи од 12 до 15 јули. Годинава фестивалот е во организација на агенцијата „Ентфинити“ од Скопје, а со поддршка на Општина Прилеп.

„Како организатори прво повикуваме на свесност на посетителите затоа што сакаме да развиеме еколошка свет, односно градот да се зачува и да остане чист како што бил и претходно да не немаме таков тип на проблеми и приоритет оваа година ќе ни биде безбедноста да биде на највисоко ниво. Сметаме дека оваа програма е достојна за сите генерации, сметаме на голема посетеност, се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред“, истакна Дарко Манасиевски од „Ентфинити“.

Фестивалот како и претходните години ќе се одржува во центарот на Прилеп, предвидени биле 29 штандови на кои ќе има повеќе видови на пиво како од Македонија така и од странство, а тука секако е и вкусна скара. Општина Прилеп за фестивалот одвоила 2,5 милиони денари.

„Како Општина сме подготвени ова да го направиме и сме горди што и оваа гоина Фестивалот на пивото ќе се одржи во Прилеп, затоа што сакаме, можеме и знаеме како тоа да го направиме. Надлежните служби вчера имаа и заеднички координативен состанок. Сите работи се синхронизиирани помеѓу овие служби, со цел да се обезбедат сите потреби и аспекти за квалитетна храна, хигиена, чистота на градот, иинсталации за штандовите, водоснабдувањето и слично“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Годинава новина ќе биде тоа што дневниот паркинг ќе чини 50 денари, а не 100 како претходните години. Се очекуваат гости од цела Македонија, а освен во хотелите и приватното сместување како и секоја година на Паркот на Револуцијата ќе се организиира бесплатен кампинг простор.