Македонија
17. November 2020 - 21:19

Бројката на хоспитализирани од Ковид-19 секојдневно се зголемува - ќе издржи ли здравствениот систем?

Очно е следната интерна клиника која ќе прима ковид пациенти. На Неврологија капацитетот е исполнет и таму сите хоспитализирани се на кислородна поддршка. Полно е и во кожно, на гастро а се исполнуваат и креветите на нефрологија. Пред да биде активирана хирургија, ковид оддел за болни од корона ќе има и на ОРЛ.

Од час во час се менуваат бројките на хоспитализирани пациенти низ болниците во државата. Од последната статистика, 1225 пациенти во земјава поради компликации од вирусот се на болничко лекување и во моментот има околу 100 слободни кревети. Министерот Филипче овие два дена предупедува дека има сериозен притисок врз здравствениот систем и дека со оваа динамика многу брзо ќе бидат пополнети и новите ковид одделенија, а со вклучувањето и на хируршките клиники ќе дојде до повторно откажување на операции и прегледи.

Но тоа може да значи, ако веројатно продолжи овој тренд, дека во еден момент ќе запре целокупниот нормален програм кој што сега сé уште функционира - системот за закажување Мој Термин, редовните операции да почнат да се откажуваат и сите доктори, сестри да бидат посветени на лекување на пациентите со Ковид-19. Тоа ќе биде прв пат во историјата целиот систем да лекува само една патологија, со цел да се намали притисокот, изјави Филипче. 

Покрај мобилизацијата и ротацијата на здравствените работници, на денешната владина седница е побарано од Министерството за одбрана да дозволи дополнително распоредување на медицински лица од редовите на армијата за потребите на јавните здравствени установи.