Loading Video...
Македонија
24. January 2021 - 17:32

Брнз: САД се разочарани од ветото на Бугарија, Македонија е подготвена за преговори

Соединетите Американски Држави се разочарани од бугарското вето за Македонија. Таквиот потег носи бројни ризици, вели американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз.

Во интервју за “Гласот на Америка” на македонски јазик, таа не открива дали новата администрација во САД ќе притисне за отстранување на блокадата, но потенцира – основа на американската политика во Македонија е европската интеграција на земјава.

“Ние сме разочарани од ветото поради бројни причини. Прво, затоа што веруваме дека Македонија беше подготвена да го почне процесот на отворање и на затворање на поглавјата со ЕУ. Има бројни ризици кои доаѓаат со одлуката на Бугарија, ризици не само за Македонија, туку и за ЕУ и за прашања во однос на процесот на проширување во целина. Јасно е дека Русија и Кина не ја делат таа визија и мислам дека ова е нешто што сите треба да го имаат предвид. Затоа е особено важно пристапниот процес во ЕУ да се движи напред што е можно побрзо”

Коментирајќи го мометалниот застој во македонско – бугарските преговори, американската амбасадорка смета дека тие треба да се одвиваат паралелно со процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, бидејќи, како што вели, не е спорно дека Македонија е подготвена за отворање на преговорите со Унијата.   

“Важно е билатералните разговори да продолжат во некоја форма, а мислам дека тоа го препознаваат двете страни. Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во интерес на двете држави. Одвоено од тоа, важно е теренот да се држи подготвен и да се одвиваат преговорите за пристапниот процес во ЕУ. Веруваме дека Северна Македонија има покажано оти е подготвена за нејзината прва меѓувладина конференција, која се надеваме дека се уште ќе може да се случи што е можно побрзо”

Во интервјуто Брнз забележува за нивото на одговорност кај македонските политичари, потенцирајќи дека таа е клучен фактор за добивање на доверба кај граѓаните.