Балкан
5. April 2021 - 12:49

Брнабиќ: Во Србија ревакцинирани 20 отсто од населението

Во Србија околу 26 отсто од населението е вакцинирано со една доза, а 20 отсто со две дози од вакцината против коронавирус, соопшти денеска српската премиерка Ана Брнабиќ.

Таа прецизираше дека во популацијата на возраст од 65-74 години вакцинирани се 51 отсто, а во делот од населението од над 75 години – вакцинирани се 41 процент.

Во Србија денеска пристигна нов контингент од половина милион дози вакцини од кинескиот производител Синофарм против коронавирус. Авионот со вакцините слета на аеродромот „Никола Тесла“, а го пречекаа Брнабиќ и амбасадорот на Кина во Србија, Чен Бо.

Брнабиќ рече дека со овој контингент, Кина доставила вкупно 2,5 милиони вакцини на Србија.

– Имаме нешто помалку од милион од сите други вакцини. Утре, кога пристигнуваат 106.470 вакцини на Фајзер, ќе ја надминеме бројката од 3,5 милиони добиени вакцини. Кога велам добиени, мислам – испорачани, бидејќи плативме за сите вакцини, рече Брнабиќ.