Македонија
29. January 2018 - 14:23

Брнабиќ-Типко: Политичкиот дијалог меѓу Србија и Македонија бележи напредок

Заедничка цел на Србија и Македонија се евроинтеграциите, стабилноста на регионот и економскиот напредок, а взаемната помош и соработката во нивното остварување е клуч на добрососедските односи, констатираа на денешната средба српската премиерката Ана Брнабиќ и македонската амбасадорка во Белград, Вера Јовановска -Типко.

Србија и Македонија во изминатиот период бележат напредок во унапредувањето на политичкиот дијалог и на севкупните односи, за што сведочат повеќе значајни взаемни посети на највисоко ниво, констатирано е на средбата. Оценето е и дека одржувањето на заедничките седници на двете влади дава позитивни резултати и дека е планирано третата заедничка седница да се одржи во првата половина од годината.

Премиерката Брнабиќ изрази уверување дека реализацијата на заедничките проекти, ќе овозможи учество на трети пазари, забрзано отварање на работни места и просперитет кон кој тежнеат и Србија и Македонија. Таа потсети дека двете држави веќе соработуваат на економско поле, во туризмот, науката, образованието, технологијата и на културен план, како и дека двете земји се многу значајни надворешно-трговски партнери.

Амбасадорката Јовановска - Типко го истакна големото значење на завршетокот на изграбата на Коридорот 10 помеѓу Србија и Македонија, и потпишаниот договор за прекугранична соработка меѓу двете држави, како и интензивирање на процедурите за олеснување и забрзување на протокот на луѓе и на стоки меѓу двете земји.

Денешната средба на премиерката Брнабиќ со Вера Јовановска - Типко е проштална посета на македонската амбасадорка во Белград, на која мандатот и истекува на 1 февруари.