Балкан
6. March 2020 - 12:11

Брнабиќ: На границите на Србија нема зголемен притисок на мигрантите

Српската премиерка Ана Брнабиќ, денеска одржа состанок на кој беше запознаена со актуелната состојба во однос на движењата на мигрантите и координацијата на работата на државните органи.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на состанокот истакнато е дека нема зголемен притисок на мигранти на границите на Србија, дека состојбата на границите на Турција и Грција се стабилизира, истакнувајќи дека бројот на мигранти е на исто ниво како и во претходните месеци, соопштија од српската влада..

Учесниците на состанокот ја известиле премиерката Брнабиќ за мерките кои ги спроведуваат државните институции, оценувајќи дека ситуацијата е под контрола и дека нема закани по безбедноста на земјата и оти се спроведува нулта толеранција за нелегални премини. На Министерството за здравство му е наложено да воспостави карантин за мигрантите, како уште една форма на дополнителна заштита од корона вирусот.

Од почетокот на мигрантската криза, низ Србија имаат поминато нешто повеќе од еден милион мигранти, додека во моментов околу 6.000 лица наоѓаат во вкупно 17 прифатни центри и тој број е непроменет, се наведува во соопштението на српската влада.

На состанокот во Владата на Србија присуствуваа и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, министерот за одбрана Александар Вулин, министерот за здравство Златибор Лончар и комесарот за бегалци и миграција Владимир Чучиќ.

Претходно денеска, Вечерни Новости и Танјуг, повикувајќи се на неименувани извори објавија дека српскиот претседател Александар Вучиќ и наредил на војската, полицијата и на Безбедносно-информативната агенција (БИА) да речиси херметички ја затворат границата на Србија кон Северна Македонија, доколку дојде до наезда на мигранти кои со денови се обидуваат да навлезат во Грција, од турска страна“

Вучиќ пред два дена на вонредна прес конференција изјави дека Србија ќе ја заштити својата територија и нема да дозволи „да стане паркинг за мигрантите“.