Свет
10. јуни 2016 - 15:34

Британските лабуристи побараа од гласачите да не го поддржат Брегзит

Британската опозициска Лабуристичка партија ги повика денеска  гласачите да не го поддржат излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Високи партиски функционери, на денешната вонредна седница на партијата, признаа дека многу лабуристички гласачи не ја знаат позицијата на партијата.

На две недели пред референдумот тие не знаат дека лабуристите го подржуваат останувањето во ЕУ, па се стравува дека голем број лабуристи, на 23 јуни ќе гласаат за заминување од Унијата, за да ја казнат конзервативната влада.

Заменик лидерот на лабуристите, Том Вотсон предупреди дека излегувањето од Унијата ќе предизвика раст на даноците и нови скратувања од буџетската потрошувачка за 18 милијарди фунти.

„За лабуристите е сосема јасно дека на Британија и е подобро да остане во ЕУ„- рекол Вотсон на седницата, порачувајќи им на лабуристичките гласачи дека буџетот што ќе го направат конзервативците, во услови ога земјата е надвор од ЕУ, најтешко ќе ги погоди работните луѓе.

Вонредната седница се одржува по сознанието дека 40 отсто од гласчите кои традиционано го даваат гласот за Лабуристичката партија, се уште не знаат како е оределена нивната партија.

-Референдумот од 23 јуни не е за да се порази конзервативната влада,туку за да се определи иднината на земјата, а лабуристите веруваат дека таа е во ЕУ-се вели во пораката од главната опозициска партија кон гласачите.

Поранешниот лидер Ед Милибанд во изјава за радио Би-Би-Си порача денеска дека за две недели не се гласа за да се поразат ториевците и да се профитира  од нивната меѓусебна пресметка, туку за иднината на Британија.

Милибанд предупреди на последиците за лабуристичките гласачи ако победи (главно) ториевската опција за напуштање на Унијата.

Неделникот „Економист„ тврди дека Британија полека се врти кон заминувањето од ЕУ. За таквата состојба, неделникот, делумно, го обвинува лидерот на лабуристите, левичарот Џереми Корбин кој, иако декларативно е за останување во ЕУ,  досега ја игнорира кампањата за останување, за да „не му правел услуга„  на ториевецот Дејвид Камерон кој силно агитира против Брегзит.